Шпанска блогерска двојка која пет години патува низ светот доживеала невиден хорор во Индија.
Седуммината ги нападнале и ограбиле, го претепале мажот и му ставиле нож на вратот, а потоа групно ја силувале неговата сопруга.
Индиските власти сега објавија дека на парот им платиле отштета од 1 милион рупии, што е околу 12.000 долари или 11.000 евра.
– Има процедура за исплата на обесштетување на настраданите и веднаш формиравме совет кој одлучи да им додели отштета од еден милион рупии. Откако ја направивме конверзијата во евра, ги уплативме парите на жртвата на сметката – изјави Ањанејулу Доде, заменик началник на полицијата во Думка.
Локалната полиција приведе тројца напаѓачи, а по останатите четворица се уште трага.
Двојката претходно изјави дека биле нападнати во областа Думка во индиската држава Џарканд, која е популарна туристичка дестинација и дека застанале да се одморат на пат кон Непал.
Во близина на пазарот поставиле шатор бидејќи, како што велат, не нашле соба во блиските хотели.
– Ми ставија нож на вратот и рекоа дека ќе ме убијат. Ме удрија со кацига во глава. Ми ја скршија устата, но Фернанда помина многу полошо од мене, ја силуваа, седум од нив. Кучки синови – изјави Шпанецот.
Претепаната блогерска двојка ја пронашле мештаните кои веднаш повикале полиција.
Парот шпански блогери патувале со мотор во повеќе од 60 земји низ светот, а патувањето го започнале пред пет години од Барселона.