Седум јавни објекти во централното градско подрачје на Куманово ќе добијат приклучок на природен гас до крајот на оваа година, во рамки на проектот „ЕУ за чист воздух“.
Станува збор за основните училишта „Толи Зордумис“, „Браќа Миладиновци“ / „Крсте Мисирков“, УОМО „Панче Пешев“, Центарот за социјална работа, Центарот за вработување, СВР Куманово и Основниот суд.
Ова беше потврдено на работна средба во Општина Куманово, на иницијатива на секретарот на Општината, Емилија Сларидис Јаневска.
На состанокот учествуваа координаторката на проектните активности Донка Петровска, директорот на ЈП „Куманово гас“ Марко Митровски, претседателката на Советот на Општината Ивана Ѓорѓиевска, како и претставници од институциите вклучени во проектот.
Според информациите, градежните работи се веќе започнати и се одвиваат континуирано.
Преку истиот проект, досега се гасифицирани ОСТУ „Наце Буѓони“ и Ученичкиот дом „Професор Мијалковиќ“.
Замена на системите за греење од лесно масло на природен гас ќе придонесе за значително намалување на емисијата на загадувачки материи во воздухот, како и за намалување на трошоците за затоплување на институциите.
Проектот е финансиран од Европската Унија преку инструментот за претпристапна помош, а го спроведува Канцеларијата на Обединетите нации за проектни услуги (UNOPS).
Во активностите, Општина Куманово има поддршка од ЈП „Куманово гас“ и ЈП „Чистота и зеленило“.