Во нападот на руската армија врз градот Днепар, седум лица се ранети, меѓу кои и 15-годишно момче, објави денеска на Фејсбук Серхи Лисак, шеф на регионалната воена управа на регионот Днепропетровск.
„Повредени се седум лица, меѓу кои и 15-годишно момче. Една жена е хоспитализирана, а другите ќе се лекуваат амбулантски. Во станбениот коплекс се оштетени продавница, покриви и прозорци од приватни куќи и згради. Сè уште се утврдува точниот биланс на штетата“, објави Лисак, пренесува Укринформ.
Според Лисак, вечерта на 30 јуни, руската војска продолжила со нападите врз регионот на Никопол користејќи беспилотни летала и артилерија за да ги нападне Никопол, Марханец и населбата Мирове.
Оштетени се пет приватни куќи, еден помошен објект, далноводи и гасовод, а опожарено е и поле со пченица.
Пожарникарите го изгаснале пожарот, но уништени се повеќе од два хектари под жито, наведува украинската агенција.
Во понеделникот наутро руските сили повторно ги нападнаа Никопол и селото Покровск користејќи беспилотни летала и артилерија, но никој не беше повреден.