Градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски и неговиот колега од Гњилане, Љутфи Хазири потпишаа договор за збратимување на двете пријателски општини. Договорот чија што цел е соработка во различни области, а е резултат на како што истакнаа 20-годишното пријателство, се потпиша кога Куманово одбележува 501 година постоење и 76 години слободно Куманово.
Градоначалникот на Куманово, истакна дека за ова време покажале дека соработката е на највисоко ниво, за што потврдуваат и поголемиот број заеднички прекугранични проекти.
-Нашето семејство на збратимени општини е големо и во оваа прилика, сакам да ви посакам добредојде и на вас во ова големо семејство и сакам секогаш во Куманово да се чувствувате како дома, а ние како менаџери на градот, ја преземеме обврска за понатамошниот развој на нашите добри односи, се со една единствена заедничка цел, создавање на мини регион за заедничка соработка на поголем регион на општините кои што ги покриваме-истакна Димитриевски.
Градоначалникот на Гњилане посочи дека со општина Куманово соработувале во најтешките денови и верувале во пријателството.
-Сме работеле на мали проекти, како резултат на оваа соработка ние постигнавме да го отвориме граничниот премин Белановце-Станчиќ, кога некој бараше граници ние заедно со градоначланикот на Куманово заминавме во Брисел и баравме меѓусебна соработка и регионална. Нашето збратимување дава пример и за соработка меѓу граѓаните, на локалната економија, земјоделството, образованието-нагласи градоначланикот на Гњилане.
Според договорот Општина Куманово и Гњилане ќе воспостават соработка во областа на културата, науката, образованието, туризмот, спортот.