Се затвора патот Кратово – Ранковце поради работи на тунел од Коридорот VIII

Сподели со своите пријатели

Во рамки на изградбата на железничкиот Коридор VIII, делницата Бељаковце – Крива Паланка, компанијата изведувач „Гулермак“ ќе започне со градежни работи на тунел лоциран во непосредна близина на регионалниот пат Р29281, кој се користи како кратка врска меѓу Кратово и Ранковце.

Loading...

Поради тоа, патниот правец ќе биде целосно затворен за сообраќај во периодот од 5 јули до 9 август 2025 година, согласно одобрението за времена измена на режимот издадено од Министерството за транспорт и врски. На терен веќе е поставена соодветна сообраќајна сигнализација која ќе го насочува сообраќајот на алтернативни правци.

Возачите кои патуваат меѓу Ранковце и Кратово ќе бидат пренасочени преку Страцин, кој во наредните недели ќе биде единствената достапна рута меѓу двете општини. За жителите на Крилатица (Лазинска маала), пристапот до нивните домови ќе биде овозможен преку регионалниот пат Страцин – Кратово, додека жителите на селото Бабунци ќе можат да пристапуваат од страната на Ранковце.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  ЗНАМ: Димитриевски го бранеше јавниот интерес и тогаш и сега ги застапува интересите на граѓаните

Од изведувачот информираат дека доколку дојде до промени во предвидениот рок за затворањето, јавноста ќе биде навремено известена преку локалните и националните медиуми, како и преку огласни табли во кампот и на локации достапни за локалното население.

Изведбата на овој тунел претставува значаен сегмент од продолжувањето на железничкиот Коридор VIII, стратешки проект кој има за цел подобрување на поврзаноста на Македонија со Бугарија и со поширокиот европски железнички мрежен систем.

Никола Ивановски