Спомен Костурница повторно ќе блесне. Денеска започнаа обемни активности во насока на чистење на овој монументален објект во градот, а екипи на повеќе јавни претпријатија и општината со механизација ги санираат оштетувањата околу локалитетот.
Loading...
Иако под надлежност на централната власт, општина Куманово со сопствени средства и помош на одредени приватни компании започна со реконструкција на дел од постоечкото партерно уредување и комплетна реконструкција на постоечките пристапни патишта.
Како што информираше градоначалникот Максим Димитриевски, ќе продолжи и поставувањето на нова урбана опрема, а осветлувањето целосно ќе се обнови.
– Веднаш по средување на локацијата од страна на ЈП „Чистота и зеленило“ ќе се превземе целосна обврската да го одржуваат, а воедно ќе воведеме и чуварска служба бидејќи оваа локација многу често е предмет на вандалско однесување на поединци. Нема да го дозволиме тоа во иднина и воедно се надевам дека час поскоро државните надлежни органи ќе преземат активности во делот на реконструкција на спомен обележјето кое што е од големо значење не само за кумановци туку и за сите граѓани на Република Македонија, изјави Димитриевски.
Двесте садници се засадени на локалитетот Спомен Костурница, но сепак директорот на Јавното претпријатие „Чистота и зеленило“, Даниел Стојчевски, вели дека истите се уништуваат од несовесни граѓани.
– Од овој понеделник неделава имаме поставено дежурни служби кои што ќе работат на одржување на овој објект во три смени меѓутоа ќе се работи на физичко обезбедување на самиот простор. По завршувањето на работните зафати од страна на општина Куманово, Одделението за комунални работи ние како јавно претпријатие ќе влеземе тука во процес и сите зелени површини ќе ги уредиме и ќе направиме нови насади на цвеќиња и на дрвја, изјави Даниел Стојчевски, директор на ЈП „Чистота и зеленило“.
Loading...