Нова светлосна сигнализација се поставува на булеварот „Октомвриска револуција“ во Куманово.

Семафорите ќе бидат поставени на крстосницата кај Спортската сала во Куманово, односно помеѓу булеварот „Окромвриска револуција“ и крај од улицата „Пиринска Македонија“. Оваа крстосница претставува една од критичните точки во градот по бројот на сообраќајните незгоди кои се случуваат тука.

Со поставувањето на семафорите ќе се зголеми и безбедноста на учесниците во сообраќајот, а поголема безбедност ќе има за учениците во средното училиште „Перо Наков“, но и за сите граѓани бидејќи тука е и Градскиот кеј кој го користат граѓаните за шетање и рекреација, изјавија од општината.

Според договорот на сајтот на Биротот за јавни набавки, склучен на 30 јануари 2017 година, изведувач е компанијата „Електро Софт Инжинеринг“ од Скопје, а поставувањето на семафорите општината ја чини 64.548 евра, односно 3.969.714 денари.

Станува збор за дел од булеварот кој е познат по ноќните трки особено во летниот период, па семафорите се очекува да стават крај на ваквото беснеење во градот.


