Екипите на јавното претпријатие „Чистота и Зеленило“ денеска почнаа со поставување полуподземни контејнери во Куманово за депонирање смет.
Како што информираше кумановскиот градоначалник, Максим Димитриевски во наредниот периодот ќе бидат поставени над 20 полуподземни контејнери на повеќе локации во градот.
-Ова претставува современ начин на депонирање на комунален отпад, при што еден контејнер има капацитет од пет кубни метри отпад и практично заменува шест обични контејнери. Со тоа, возилата на ЈП „Чистота и зеленило“ собираат поголема количина на смет за пократок период, а покрај практичниот и економичниот, подобар ќе биде и естетскиот ефект од новите контејнери, вели Димитриевски.
И од јавното претпријатие „Чистота и Зеленило“, велат дека со поставувањето на полуподземните контејнери се скратува времето на собирање на смет, а со тоа се одбегнува и сообраќајниот метеж.
Тие ќе се постават на фреквентни локации во близина на трговските објекти, маркети кои пак, поради зголемениот промет летово, прават поголема количина на смет.
Претпријатието ги добило потребните дозволи за поставување на полуподземните контејнери, местата се одбрани и се наоѓаат во близина на големите трговски единици, маркети, станбени единици.
-Овие денови почнуваме со поставување на контејнерите. На овој начин ќе се скрати времето на собирање на смет, овие контејнери имаат капацитет за складирање на поголема количина и заменуваат неколку обични контејнери, изјави директорот на претпријатието, Даниел Стојчевски.
Интенција на претпријатието е да се постават полуподземни контејнери насекаде во Куманово и сметот да се собира само во ноќните часови.
Ова е четврта набавка на полуподземни контејнери во Куманово, од 2020 година досега.
МИА