Се пополнуваат капацитетите и на модуларната болница во Куманово (ВИДЕО)

Сподели со своите пријатели

Третиот бран на коронавирусот ги исполни скоро сите капацитети за лекување во Општа болница Куманово. Во модуларната болница, отворена пред само десет дена, има само уште шест слободни места.

Loading...

Бројките растат од почетоокт на март, вели директорката на кумановската болница Снежана Захариева, која додава дека Куманово не може да остане имуно на новиот бран со оглед на големата фрекфенција на голем број луѓе, во град со над 100.000 жители

– Од осми март се стави во функција и модуларната болница со капацитет од 33 легла и можам да кажам дека еве денешниот извештај кажува дека веќе 27 места таму се пополнети. Инфективниот оддел, старото Инфективно и сега Инфективно 1, исто е со исполнет капацитет, 18 пациенти имаме таму и на неврологија Инфективно 2 имаме 15 пациенти и имаме уште 42 пациенти кои ни се како дневна болница и за кои искрено се надевам дека ќе ја надминат кризата да не станат лежечки пациенти и дека ќе поминат без кислородна терапија, само ампуларно и со редовна контрола од страна на нашите инфектолози, интернисти и невролози, изјави директорката.

Кога станува збор за клиничката слика на хоспитализираните, Захариева вели дека нема некоја значителна разлика. Карактеристично за овој бран е што се шири полесно, иако нема официјална потврда дали се должи на британскиот сој.

– Нема некои битни разлики и тогаш имаше и сега има пациенти со исклучително тешка клиничка слика, но можам да кажам дека полесно се шири вирусот во овој бран, цели семејства се зафатени, заразноста е веројатно поголема. Немаме официјален извештај, но веројатно британскиот сој не го одмина и Куманово, така да вирусот се шири имаме многу пациенти кои секојдневно доаѓаат во лабораторија, бараат рентген дијагностика, идат на контроли на Инфективниот оддел и бројот за жал е во пораст, изјави Захариева.

 

 

Loading...

Околу седумдесетина лекари и друг медицински персонал од болницата веќе примиле вакцина против Ковид-19, а друга поголема група се чека наскоро да биде дел од имунизацијата со што вработените треба да се заштита од инфекција во контакт со пациентите.

– Има интерес, ќе речам дека променлив беше интересот, затоа што некои во меѓувреме прележаа, некои се колебаа дали да примат вакцина или не, особено оние што прележале да кажам во првиот бран, па имаат низок титар на антитела, една група на здравствени работници, околу седумдесетина луѓе се вакцинираа, меѓутоа сега чекаме имаме уште една поголема група која очекува час поскоро да биде вклучена во тоа вакцинирање, изјави директорката Захариева.

Приоритет за вакцинирање биле медицинските лица кои работат секојдневно во ковид центрите. Оние кои веќе примиле вакцина, немале несакани ефекти, освен појава на краткотрајна температура, болка во местото на вакцинирање и симптоми слични на блага настинка.

Во однос на вчерашното барање на Лекарската комора на Македонија за воведување порестриктивни мерки за движење со цел да се намали притисокот врз болничките капацитети, Захариева вели дека тоа е нужно, иако може да ги иритира стопанствениците.

– Јас како лекар се сложувам, едноставно и јас сум активно вклучена и во работниот процес, не само како менаџер на оваа институција, туку и како лекар којшто е вклучен во дежурства, гледајќи колку луѓе доаѓаат, па и колку има асимптоматски кои се потенцијална опасност, не само за нас како здравствени работници, туку и за нивните семејства и воопшто граѓаните на град Куманово, сметам дека на ниво на цела држава би можело, колку и да звучи непопуларно, колку и да ги иритира сите приватни стопанственици, мислам дека е добро да се направат некои ограничувања, макар краткотрајни со што ќе се постигне поголем ефект да се спречи трансмисијата на вирусот, рече Захариева.

Инаку според последната статистика достапна од вчера, во Куманово од почетокот на пандемијата регистрирани се 6.101 инфицирани со вирусот, а активни се 479 случаи.

Никола Ивановски

Leave a Reply