Малала Јусафзаи, активистка за правото на девојчињата на образование и добитничка на Нобеловата награда за мир, која го преживеа нападот на Талибанците во 2012 година на 15-годишна возраст, се омажи, објави таа на социјалните мрежи.
Денеска 24-годишната девојка која живее во Велика Британија објави дека таа и нејзиниот сопруг Асер Малик се венчале во Бирмингем по исламски обичаи и славеле дома со своите семејства, пишува Би-би-си.
– Денеска одбележувам драгоцен ден во мојот живот. Асер и јас разменивме завети и ќе бидеме животни партнери, напиша таа на Твитер.
Јусафзаи стана најмладата добитничка на Нобеловата награда за мир во 2014 година кога имаше 17 години, заедно со индискиот активист за правата на децата Каилаш Сатјарти.

Јусафзаи почна да пишува блог за Би-Би-Си во 2009 година за нејзините искуства за време на растечкото влијание на Талибанците во регионот на долината Сват во Пакистан.
Обидувајќи се да ја замолчат, талибанците ја застрелаа тогаш 15-годишната Јусафз во главата, но таа преживеа.
„Наместо да ме замолчат, тие ми го засилија гласот надвор од Пакистан“, напиша таа во својата книга од 2019 година.
Во нејзиниот говор за добивањето на Нобеловата награда за 2014 година, таа рече:
– Оваа награда не е само за мене. Тоа е за оние заборавени деца кои сакаат образование. Тоа е за оние исплашени деца кои сакаат мир. Тоа е за оние безгласни деца кои сакаат промена. Јас сум тука да се залагам за нивните права, да го кренам нивниот глас.

Меѓу многуте кои и честитаа на Малала за нејзината венчавка преку социјалните мрежи беа Грета Тунберг, уредникот на британскиот Вог Едвард Енинфул и илјадници други.

