Првата средба на властите на Украина и Русија од пролетта 2022 година треба да започне денес во Истанбул со посредство на Турција, соопштија извори во турското Министерство за надворешни работи.
Средбата е закажана да започне во 11:30 часот по средноевропско време.
Пред тоа, во истата палата Долмабахче во Истанбул треба да се одржи втор состанок меѓу Украинците, Турците и Американците, велат изворите.
Американскиот државен секретар Марко Рубио пристигна во Истанбул, објави агенцијата Франс Прес.
Турското Министерство за надворешни работи синоќа ја објави организацијата на состанокот во трилатерален формат.
Од една страна, ќе се одржат трилатерални преговори меѓу САД, Украина и Турција, а од друга страна, Русија-Украина-Турција, наместо само билатерални преговори меѓу Русите и Украинците.
Ова треба да бидат првите директни разговори меѓу двете страни од пролетта 2022 година, кратко по почетокот на руската инвазија на Украина, но во отсуство на рускиот претседател Владимир Путин, надежите за напредок се сметаат за мали.
Американскиот државен секретар Марко Рубио синоќа изјави дека нема „големи очекувања“ за оваа средба, признавајќи дека руската делегација не била на нивото на кое очекувале.
Американскиот претседател Доналд Трамп, кој рече дека е подготвен да дојде во Истанбул доколку неговиот руски колега го стори тоа, рече дека „ништо нема да се случи“ додека тој и Путин не се заедно.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој исто така рече дека е подготвен да се сретне со Путин во Истанбул, ја обвини Москва дека не ги сфаќа сериозно разговорите.
Руската делегација ја предводи советникот на Путин, Владимир Медински, поранешен министер за култура, а во делегацијата се и заменик-министрите за надворешни работи и одбрана, како и претставници на војската.
Владимир Путин предложи директни преговори меѓу двете земји во Истанбул, но кога Зеленски го покани лично да дојде во Истанбул за да преговара со него, Путин не одговори и не дојде.
Во овој контекст, Зеленски, кој вчера дојде во Турција, назначи делегација предводена од неговиот министер за одбрана, Рустем Омеров, и заменик-министерот за надворешни работи, со мандат да преговара за примирје.
Трамп, кој врши притисок врз завојуваните страни да склучат мир што е можно поскоро, вчера повтори дека би можел да дојде во Турција во петок доколку има напредок во преговорите.
Шефот на руската делегација, Владимир Медински, претходно изјави дека ја очекува украинската делегација во петок од 10:00 часот.
Вчера, Украина и Русија разменија обвинувања. Зеленски ја нарече руската делегација „обична фасада“, додека руската делегација го нарече „кловн“.
Медински рече дека неговата земја верува оти новите преговори треба да бидат „продолжение“ на билатералните преговори од март 2022 година, кога Русија се придржуваше до максималистичките позиции.
Медински рече дека е подготвен за „можни компромиси“ без да даде детали и додаде дека неговата делегација има целосен авторитет да донесува одлуки, што украинскиот претседател претходно го доведе во прашање.
Европејците и Киев побараа примирје пред какви било разговори меѓу Киев и Москва.
Тоа барање беше одбиено од Русија, која не сака продолжено примирје што би им овозможило на украинските сили да се зајакнат и да добијат западно оружје, во време кога руската армија има предност на фронтот.
Нападите продолжија и вечерва од двете страни на границата.