Поранешниот претседател Џо Бајден треба да присуствува на погребот на папата Франциск во сабота во Ватикан, според повеќе извори запознаени со неговите планови, објави Си-Би-Ес њуз.
Бајден одржува блиски работни и лични односи со папата Франциск од посетата на покојниот папа на САД во 2015 година, потсетува порталот.
„Иако конечните детали сè уште не се утврдени, Бајден има намера да присуствува“, велат изворите.
Папата Франциск го започна својот понтификат во 2013 година за време на администрацијата на Барак Обама, но поранешниот американски претседател не планира да присуствува на погребот, според неговиот портпарол.
Претседателот Доналд Трамп и првата дама на САД Меланија Трамп денес треба да летаат за Рим за погребот во сабота.
Папата Франциск, кој со месеци се бореше со здравствени проблеми, почина во понеделник на 89-годишна возраст откако доживеа мозочен удар.
Од среда, ковчегот со неговото тело е изложен во базиликата „Свети Петар“, каде што десетици илјади ожалостени дојдоа да му оддадат последна почит.
Меѓу шефовите на држави кои ќе присуствуваат на погребот, како што е најавено, ќе бидат украинскиот претседател Володимир Зеленски, францускиот претседател Емануел Макрон, италијанската премиерка Џорџa Мелони, британскиот премиер Кир Стармер и аргентинскиот претседател Хавиер Милеј.
Службата за протокол на Државниот секретаријат на Ватикан вчера објави дека досега 130 делегации потврдиле дека ќе присуствуваат на погребот на папата Франциск во сабота.
Според најавата, меѓу присутните делегации ќе бидат околу 50 шефови на држави и 10 владејачки монарси, објави Анса, а пренесува Танјуг.