Куманово се соочува со зголемен број кучиња скитници во последниот период, а со тоа кружат и одредени теории дека истите се носат од други градови.
Одговарајќи на новинарски прашања на последниот брифинг за медиумите, градоначалникот Максим Димитриевски, рече дека и самиот се сомнева дека тоа се случува.
– Се случува една страшна појава, на голем број бездомни кучиња, кои по потекло сигурно не се од Куманово и доаѓам до заклучок дека тие кучиња се носат од некаде, бидејќи се работи за сериозно големи кучиња, овчарски кучиња, рече Димитриевски.
Меѓутоа, вели во недостаток на докази за таквите тврдења, сѐ останува на ниво на шпекулации.
– Сме имале дојави во минатото од страна на совесни граѓани кои за жал никогаш не сакале тоа да го потврдат и со официјална изјава, дека се видувани разни товарни возила на релација Липково – Куманово, Свети Николе – Куманово, Арачиново – Куманово, на релација Скопје – Агино село, каде што од возила се вадат поголем број на кучиња, вели кумановскиот градоначалник.
Сепак, вели дека никој за тоа не сакал да даде писмена изјава и додека тоа не се потврди, не може да се реагира, иако тврди, таква можност постои.
– Јас можам одговорно да кажам дека секое куче кое е заловено од давателот на услугата, во овој случај Ветеринарна станица Куманово, е за истото претходно направен уреден записник од страна на наш надлежен инспектор, заловено, третирано и повторно вратено, освен оние кучиња кои покажуваат агресивност, за кои ветеринарната станица постапува согласно законот, потенцира тој.
Општина Куманово би сакала да ги потврди таквите наводи, и бара ако граѓаните поседуваат некакви докази и сознанија да пријават во инспекцијата или во Министерството за внатрешни работи.
Во меѓувреме расте бројот на граѓани каснати од кучиња скитници, додека општините од Североистокот развиваат иницијатива за изградба на прифатен центар за истите.
Никола Ивановски