Започна крпењето на ударнте дупки во Општина Куманово. Активностите на локалната самоуправа започнаа на 15. март, но поради временските услови беа прекинати и продолжуваат деновиве.

Крпењето на оштетувањата на кумановските улици се спроведува во рамките на програмата за изградба, реконструкција и санација на улиците во летниот период.

Два милиони денари се издвоени за санација на оштетувањата на патната инфраструктура низ градот, додека вкупно 26 милиони денари се определени за реализација на целата програма.
– Во следните неколку недели ќе се боидеме да ги закрпиме сите дупки во Куманово и онаа инфраструктура која што ја имаме каква што е да ја корегираме. Во рамките на летното одржување веќе од 15 март отпочнавме со таа акција, ќе се работи секојдневно откако ќе се заврши со крпење на оштетената инфраструктура ќе отпочнеме и со постапка за одбележување на јавните сообраќајни површини, а што се однесува до имплементацијата на останатите инфраструктурни проекти одиме согласно програмата и онака како што е предвидено. Ќе интервенираме во градското подрачје, но првенствено ќе дадеме акцент и на руралните средини и на населбите во општината, изјави Максим Димитриевски, – градоначалник на Општина Куманово.

Како што брифираат од општината, улиците се оштетени како од дотраениот асфалт, така и од временските услови. И граѓаните можат да пријавуваат оштетувања на патиштата и тоа директно во просториите на општината или телефонски.

Санацијата деновиве продолжува низ централното градско подрачје, по што ќе бидат опфатени и населбите од градот.


