Владата ја разгледа и усвои Информацијата за спроведување на мерки согласно фаза 3 од акцискиот план за превенирање на последиците од топлотните бранови врз здравјето на населението 2025 – 2030.
Се задолжуваат сите министерства, органи на државна управа и други надлежни институции активно да ги спроведуваат мерките и препораките и да ги известат и координираат сите подрачни служби, јавни установи и други правни субјекти во нивна надлежност за спроведување на мерките предвидени во Фаза 3 од Акцискиот план за превенирање на последиците од топлотните бранови врз здравјето на населението 2025-2030, односно:
– Јавни комуникации и информирање, Министерството за здравство, во координација со УХМР и ИЈЗ, редовно да информира за состојбата со топлотниот бран.
– Активирање на планови за вонредни услови, сите здравствени установи, установи за згрижување на стари лица и образовни институции да постапат согласно интерните протоколи за кризна состојба.
– Работни услови и заштита на работниците, да се разгледа можноста за:
Одложување на работниот процес во критичните часови (11:00–17:00) за работници изложени на директна топлина;
Работа од далечина, флексибилно или двократно работно време каде што е изводливо;
Работодавачите да обезбедат микроклиматски услови за работа согласно Акцискиот план: простории со температура до 25°C, освен таму каде што природата на работниот процес налага поинаку;
Ослободување од работни обврски за бремени жени и лица постари од 60 години, доколку работодавецот не е во можност да создаде соодветни микроклиматски услови за работа.
-Да се реорганизираат работните процеси за вработените изложени на директна топлина;
-Здравствените, образовните и социјалните установи да постапат согласно плановите за вонредни состојби, да го ротираат персоналот, и да обезбедат климатизирани простории за пациентите и вработените;
-Центрите за социјална работа, локалната самоуправа и Црвениот крст да ја интензивираат теренската поддршка за осамени, стари и бездомни лица;
-Образовните установи и градинките да избегнуваат активности на отворено во периодот од 11:00 до 17:00 часот;
-Работодавачите да обезбедат соодветни услови за работа (температура до 25°C) и по можност да применат онлајн работа или флексибилно работно време;
-Да се обезбеди климатизиран јавен превоз за граѓаните во текот на целиот ден.