Инспектори од Агенцијата за храна и ветеринарство закопале добиток со јазлеста кожа во јама лоцирана на траса на планирана железничка пруга па морале да ги откопуваат животните.
Ветеринарни инспектори од Куманово, минатата недела, закопале добиток со јазлеста кожа на место планирано за железничка пруга, па морале да ги ексхумираат мршите. Уништиле 30-тина грла говеда и ги фрлиле во јама, на локација која сами ја одредиле.
Месното население и претставници на стопански сублекти од околината на јамата пријавиле во МВР и во Општина Куманово од каде утврдиле дека инспекторите на Агенцијата за храна и ветеринарство немаат одобрение за таа локација, па следниот ден се организирало ископување на мртвиот добиток.
Инспектори, по сопствена проценка, вршеле закопување на угинати животни во атарот на селото Клечовце. Поради таквата состојба ни се јавија од Македонски железници и ни посочија дека има проблем, но ние немаме надлежност да го решиме. Ние чекаме локацијата да ја определи Министерството за животна средина, бидејќи тоа е нивна обврска наложена од Националниот центар за контрола на болеста. Општината ги извести сите институции за надминување на состојбата затоа што имаме информации дека ова е само почеток и дека ќе има уште поголемо уништување на заболен добиток – изјави Валентина Алексовска, секретар на општина Куманово.
Секторот за урбанизам, комунални дејности и заштита на животната средина на Општина Куманово, писмено го известил Министерството за животна средина дека добитокот е закопан на трасата на планирана железничка пруга.
Лицата кои се задолжени за сузбивање на болеста јазлеста кожа од Агенцијата за храна и ветеринарство користат самоиницијативно избрани локации за отстранување на мршите. Локацијата е предвидена за изградба на железничката пруга Коридор 8, реконструкција на делницата Куманово- Бељаковце, па може да претставува проблем за реализација на проектот. Воедно самата локација претставува потенцијaлен извор на загрозување на јавното здравје и загрозување и штетно влијание на животната средина, ризични за водата, воздухот, почвата, растенијата и животните – стои во дописот од Општина Куманово.
Агенцијата за храна и ветеринарство имала 2,5 месеци време да добие локација за нештетно отстранување на мршите. Националниот центар за контрола на болеста тоа го наложил уште на 27 април, но писменото барање во Куманово било поднесено истиот ден кога започнала акцијата за уништување на заболениот добиток, на 13 јули. Општината го препратила до Министерството за животна средина и просторно планирање.
Општина Куманово не поседува локации односно овластена депонија за закопување, затрупување на умрении животни. Поради тоа ќе испрати барање до Министерство за животна средина и Агенција за катастар на РМ за определување на локации за нештетно отстранување на умрените животни – се вели во одговорот на Општината по барањето од Агенцијата за храна и ветеринарство.

