Советот за безбедност на Обединетите нации (СБСБ) остро ги осуди обидите за неуставна промена на легитимната влада на Нигер и повика на итно и безусловно ослободување на претседателот на земјата, Мохамед Базум.
Во изјавата постигната со консензус во петокот, Советот за безбедност на ОН ја истакна потребата да се заштити Базум, неговото семејство и членовите на неговата влада, пренесува Ројтерс.
„Членовите на Советот за безбедност ја изразија својата загриженост за негативното влијание на неуставните промени на власта во регионот, зголемувањето на терористичките активности и тешката социо-економска ситуација“, се наведува во соопштението, пренесе Танјуг.
Командантот на претседателската гарда на Нигер Абдураман Тијани се прогласи за нов шеф на државата претходно во петокот, а гардата рече дека го суспендирала уставот и ги распуштила сите поранешни институции по соборувањето и затворањето на претседателот Мохамед Базум оваа недела.
Претседателската гарда го затвори Базум во претседателската палата, а потоа објави дека е сменет поради лошото владеење и влошувањето на општата безбедност.