Министерот за одбрана на Саудиска Арабија, принцот Халид бин Салман, минатиот месец им пренесе директна порака од саудискиот крал на иранските претставници во Техеран да ја сфатат сериозно понудата на американскиот претседател Доналд Трамп за постигнување нуклеарен договор.
Бидејќи тоа е начин да се избегне војна со Израел, изјавија денес неименувани извори блиски до круговите на саудиската влада и двајца ирански претставници.
Алармиран од можноста за нестабилност во регионот, саудискиот крал Салман бин Абдулазиз го испрати својот син, министерот за одбрана, принцот Халид бин Салман, со предупредување до врховниот лидер на Иран, ајатолахот Али Хамнеи, објави денес Ројтерс.
Изворите велат дека на состанокот зад затворени врати во Техеран на 17 април присуствувале иранскиот претседател Масуд Пезешкијан, началникот на Генералштабот на армијата Мохамад Багери и иранскиот министер за надворешни работи Абас Аракчи.
Содржината на пораката на саудискиот крал што принцот им ја пренел на иранските претставници не била објавена од медиумите, кои ја придружувале неговата посета на Техеран.
Според неименувани извори, принцот Халид, кој бил саудиски амбасадор во Вашингтон за време на првиот мандат на Трамп, ги предупредил иранските претставници дека американскиот претседател нема многу трпение за продолжени преговори.
Кратко пред тоа, Трамп неочекувано објави дека се во тек директни преговори со Техеран, чија цел е ограничување на нуклеарната програма на Иран во замена за ублажување на санкциите.
Тој го стори тоа во присуство на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, кој отпатува во Вашингтон со надеж дека ќе добие поддршка за напади врз нуклеарните постројки на Иран, според Ројтерс.
Принцот Халид им рекол на група високи ирански функционери во Техеран дека тимот на Трамп сака брзо да се постигне договор и дека можноста за дипломатско решение брзо ќе се затвори, додадоа изворите.
Тој додаде дека би било подобро Иран да постигне договор со САД отколку да се соочи со можен израелски напад ако разговорите не успеат, додадоа саудиски извори.
Според саудискиот принц, регионот – веќе оптоварен со конфликти во Газа и Либан – нема да толерира понатамошно ескалирање на тензиите.
Властите на Саудиска Арабија и Иран не коментираа за овие обвинувања.
Како што објавува Ројтерс, посетата на принцот е прва од висок член на саудиското кралско семејство на Иран по повеќе од две децении.
Ријад и Техеран долго време беа лути соперници, честопати поддржувајќи ги непријателите еден на друг во војни, сè до неодамнешното затоплување на односите во 2023 година, со посредство на Кина.
После тоа, тензиите меѓу двете земји се смирија и дипломатските односи повторно беа обновени, пренесува Танјуг.