Амбасадорот на Европската унија во Република Македонија, Самуел Жбогар и официјално стана почесен граѓанин на Општина Куманово, откако таква одлука денеска беше донесена на 17. седница на Советот.
Предлогот пристигнал на иницијатива на градоначалникот Максим Димитриевски, бидејќи со средства од Европската унија, а со поддршка на амбасадорот Жбогар беше извршена рехабилитација и изградба на канализациона мрежа во Куманово. Меѓу останатото во иницијативата стои дека евроамбасадорот дал придонес и во подобрување на условите во образованието со реконструкција на неколку училишта.
– Комисијата за одбележување на празници и манифестации и доделување награди и признанија во петок на својата седница ја разгледа иницијативата на градоначалникот на Општина Куманово, евроамбасадорот Самуел Жбогар да биде прогласен за почесен граѓанин на Куманово. Комисијата едногласно го усвои предлогот на градоначалникот и му предлагаме на советот истиот да го усвои, рече Сашо Милковски, претседател на Комисијата.


