Сè поголем број луѓе во Куманово и пошироко се соочуваат со психолошки тешкотии и чувство на безнадежност, покажуваат најновите податоци.
Според официјалната статистика на Секторот за внатрешни работи Куманово, од почетокот на годинава се евидентирани 15 случаи на самоубиства и 12 пријавени обиди за самоубиство.
Податоците покажуваат дека мажите значително почесто се жртви – од вкупно 15 случаи годинава, 13 се од машки пол, додека меѓу пријавените обиди пет се мажи и седум жени.
Слична е и минатогодишната состојба, кога биле регистрирани 12 случаи на самоубиства, од кои 10 мажи, како и 19 обиди за самоубиство.
Психологот Александра Милевска вели дека бројките се алармантни и укажуваат на сериозна состојба:
„Ова е многу важна тема и овие бројки се алармантни и ни покажува дека треба повеќе да обрнеме внимание на менталното здравје. Суицидот и обидот за суицид всушност може да биде дел од една поширока клиничка слика на психички нарушувања, но исто така и кога личноста се соочува со тешкотија и болка кои ги надминуваат нејзините капацитети на справување“, вели таа.
Таа посочува дека проблемот е особено изразен кај мажите, а тоа го покажува и македонската и светската статистика.
„Се почесто се јавува кај мажите изминативе години, но исто така важно е да се напомене дека кај мажите почесто резултира со фатален исход, иако и жените имаат голем број обиди за самоубиства, но смртниот исход кај нив е со пониска стапка“, појаснува психологот.
Милевска додава дека старосната граница во повеќе од половина од случаите е под 50 години.
Таа објаснува дека сезонските фактори, особено во есенско-зимскиот период, дополнително влијаат врз менталното здравје.
„Овој период е зголемен бројот на обидите и ова не е случајно така, затоа што имаме намалување на сончевата светлост, имаме пад на енергија, променет биоритам, исто така и поголема изолација поради ниските температури. Сето ова води кон поголема изолација и зголемување на чувството на безнадежност и депресија што и онака веќе е ризик фактор кај ранливите категории.“
Според неа, превенцијата и препознавањето на ризиците се клучни.
„Да се препознае или превенција е главното нешто. Секоја најава, секое повлекување кај луѓето треба да го сфатиме како знак не само за внимание или слабост, туку како повик за помош, затоа што овде важи поговорката „каде што има чад има и оган“. Не е исклучена можноста дека секоја најава резултира со обид, а секој обид резултира со фатален исход.“
Таа потсетува дека обидите за самоубиство не секогаш значат желба за смрт, туку очајнички обид да се прекине болката и безнадежноста со која една личност се соочува.
Милевска истакнува дека грижата за менталното здравје треба да биде заедничка одговорност.
„Грижата за менталното здравје не е само индивидуална одговорност, туку колективна, пред сè на семејството, на заедницата и на институциите. Важно е да се превенира – превенцијата е најважна тука, да се зборува уште во рана возраст и во училиштето, да се негува менталното здравје исто како што се негува и физичкото здравје.“
Особена грижа, вели Милевска, треба да им се посвети на адолесцентите, да се искористат максимално капацитетите на психолошките служби во училиштата.
„Бројките покажуваат и алармантно зголемување на депресивните чувства кај адолесцентите и кај младите и треба да се реагира. Да се искористат сите ресурси на стручните лица – психолозите, дали во школото, дали во други институции, приватни или јавни здравствени институции – да се побара помошта и да се реагира на време.“
Во последните години, според Милевска, има пораст на свеста за менталното здравје, но сè уште недоволно. Се зборува за темата, вели таа, но треба да се внимава повеќе.
Самоубиството не е решение. Доколку се соочувате со тешкотии или имате суицидни мисли, побарајте помош од стручни лица – лекар, психолог или доколку сте ученик стручни служби во училиштата. Помошта е бесплатна и доверлива.

