Претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп денеска потпиша извршна наредба со која се воведуваат дополнителни царини за стоки од земји кои директно или индиректно купуваат, увезуваат или на друг начин добиваат стоки или услуги од Иран, соопшти Белата куќа.
Според наредбата, САД може да воведат дополнителна царина до 25 отсто на стоки увезени од која било земја за која ќе се утврди дека директно или индиректно набавува ирански стоки или услуги откако наредбата стапи во сила.
Во декретот се наведува дека одлуката е донесена врз основа на Уставот на САД и важечките закони, со образложение дека политиките и дејствијата на властите во Техеран продолжуваат да претставуваат „невообичаена и исклучителна закана“ за националната безбедност, надворешната политика и економијата на САД, се вели во соопштението од Белата куќа.
Во соопштението се наведува дека последните информации до претседателот на државата од високи функционери потврдиле дека причините за вонредната состојба сè уште постојат, како и дека е неопходно да се воведат дополнителни мерки за поефикасно спроведување на истата.
Американскиот министер за трговија во соработка со државниот секретар ќе биде задолжен за утврдување дали странска земја има бизнис со Иран, додека државниот секретар во консултација со повеќе ресори ќе одлучи дали и во колкава мера треба да се воведат дополнителни царини.
Конечната одлука за нивната апликација ја носи претседателот на САД.
Регулативата предвидува можност за промена или прилагодување на мерките во зависност од понатамошното однесување на Иран, реакциите на засегнатите држави или променетите меѓународни околности.
Исто така, се наведува дека САД го задржуваат правото дополнително да ги заострат мерките доколку се оцени дека постоечките не ги дале посакуваните резултати.

