Рејтингот на американскиот претседател Џозеф Бајден се зголеми за шест процентни поени на 42 отсто оваа недела, покажуваат резултатите од истражувањето спроведено во средата од Ројтерс и агенцијата Ипсос.
Дводневната национална анкета покажа дека 52 отсто од Американците не го одобруваат настапот на Бајден во Белата куќа, пренесува Ројтерс.
Рејтингот на Бајден е под 50 отсто од август минатата година, што ги зголеми стравувањата дека демократите се на пат да изгубат контрола над најмалку еден Дом на Конгресот на изборите на 8 ноември, на крајот од првата половина од претседателскиот мандат.
Претседателот на САД оваа година мораше да се соочи со растот на инфлацијата, додека руската инвазија на Украина придонесе за поскапување на горивата, а во исто време глобалните синџири на снабдување постојано се нарушуваат поради пандемијата на коронавирус.
Популарноста на претседателот во неговата Демократска партија се зголеми од 72 отсто минатата недела на 78 отсто оваа недела, но само 12 отсто од републиканците го одобруваат неговиот претседателски настап.
Минатата недела, вкупниот рејтинг на Бајден беше споредлив со најнискиот рејтинг на неговиот претходник во Белата куќа, Доналд Трамп, чија популарност во декември 2017 година достигна најниско ниво од само 33 отсто.