Откако рускиот претседател Владимир Путин објави дека НАТО испраќа агресивни пораки, поради што нареди да се стават силите за нуклеарно одвраќање во состојба на висока готовност, Белата куќа соопшти дека САД и НАТО не и се закануваат на Русија.
– САД сметаат дека Русија ја донела оваа одлука врз основа на закани кои не постојат – се наведува од Белата куќа.
Во исто време се огласи и американската амбасадорка во Обединетите нации Линда Томас-Гринфилд, која рече дека одлуката на Путин е неприфатлива ескалација.
„Ова значи дека претседателот Путин продолжува да ја ескалира оваа војна на начин кој е целосно неприфатлив и дека мораме да продолжиме да ги запираме неговите постапки на најсилен можен начин“, рече Томас-Гринфилд во интервју за Си-Би-Ес, пренесе Ројтерс.
Путин им нареди на началникот на Генералштабот на руските вооружени сили Валериј Герасимов и министерот за одбрана Сергеј Шојгу да ги стават руските сили за одвраќање во состојба на специјална борбена готовност.
Наредбата ја издал на средба со Герасимов и Шојгу, пренесе Интерфакс.
– Највисоките функционери на водечките земји на НАТО дозволуваат агресивни изјави кон нашата земја, затоа им наредувам на министерот за одбрана и на началникот на Генералштабот да ги стават силите за одвраќање на руската армија во состојба на специјална борбена готовност – рече Путин.