Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп привремено, за 30 дена, ги ублажи санкциите за купување иранска нафта што веќе е на море, обидувајќи се да го намали притисокот врз глобалниот енергетски пазар и да ги намали цените на нафтата кои нагло пораснаа поради американско-израелската војна против Иран.
Американскиот министер за финансии Скот Бесент објави дека оваа мерка би можела да врати околу 140 милиони барели нафта на светскиот пазар, што би го ублажило сегашното нарушување на снабдувањето.
Цената на нафтата, според „Гардијан“, се зголемила за околу 50 проценти и надминала 100 долари за барел, што е највисоко ниво од 2022 година.
Белата куќа стравува дека континуираниот раст би можел да им наштети на американските потрошувачи и бизниси пред изборите за Конгресот во ноември.
Министерството за финансии на САД во петок издаде општа лиценца со која се дозволува продажба на иранска сурова нафта и нафтени производи кои веќе се натоварени на танкери од петок, а лиценцата важи до 19 април.
Бесент тврди дека не станува збор за отворање простор за нови купувања или ново производство, туку само за нафта која веќе е во транзит.
Според него, Иран ќе има тешкотии во пристапот до парите генерирани од оваа продажба, додека САД ќе продолжат со политиката на „максимален притисок“ кон Техеран.
Сепак, одлуката предизвика критики од некои аналитичари, кои предупредуваат дека таков потег индиректно би можел да им помогне на воените напори на Иран.
„Ова е, благо речено, лудо. Ние во основа му дозволуваме на Иран да продава нафта, а тие пари можат да завршат со финансирање на војната“, изјави за Би-Би-Си Дејвид Таненбаум од „Блекстоун Комплимент Сервисис“.
Дополнителен проблем е што аналитичарите предупредуваат дека мерката нема да има сериозен ефект сè додека не се нормализира пловидбата низ Ормутскиот теснец, низ кој минуваат околу 20 проценти од светската нафта и течен природен гас.
Американскиот министер за енергетика Крис Рајт изјави дека дел од тие испораки би можеле да пристигнат во Азија за три до четири дена, а на пазарот по обработката во текот на следните шест недели.
Се очекува Кина, најголемиот купувач на иранска нафта, да има најголема корист од оваа мерка.
Во исто време, иранскиот министер за надворешни работи, Абас Аракчи, изјави дека Техеран започнал разговори со Јапонија за можно делумно отворање на Ормутскиот теснец за бродови поврзани со Јапонија.

