Вашингтон планира да ја суспендира долгогодишната воена помош за европските земји географски блиски до Русија, додека американскиот претседател Доналд Трамп се стреми Европа да преземе поголема улога во сопствената одбрана, објавија американските медиуми.
Американските претставници минатата недела ги информираа европските дипломати за одлуката за прекин на американското финансирање за обука и опремување на војската на источноевропските земји, објави Фајненшл тајмс.
Според Вашингтон пост, оваа помош се проценува на неколку стотици милиони долари.
Официјален претставник на Белата куќа одби да потврди детали за одлуката, но рече дека мерката е „координирана со европските земји“, во согласност со извршната наредба што Трамп ја потпиша во јануари со која се преиспитува американската странска помош.
Од јануари, американскиот претседател е во поблизок контакт со рускиот претседател Владимир Путин, обидувајќи се да ги запре борбите во Украина, но нема конкретен напредок.
На почетокот на јули, владата во Вашингтон неочекувано објави дека престанала да испорачува одредено оружје на Киев, официјално поради загриженост за исцрпување на американските залихи на муниција.
Четири месеци претходно, Трамп нареди „пауза“ на американската воена помош за Украина, која е во војна со Русија.