Американската министерка за финансии Џенет Јелен изјави дека ограничувањето на цената на руската нафта воведено од западните земји во декември ја ограничило заработката на Русија.
Според неа, оваа мерка очигледно ја исполнила целта да се задржи руската нафта на пазарот, а во исто време да се ограничи заработката на Русија.
– Иако ограничената цена на суровата нафта е на сила само околу еден месец, веќе забележавме напредок кон исполнување на целта. Високи руски функционери признаа дека ограничувањето на цените на руската нафта ги намалило руските приходи од продажба на енергетски производи – рече Јелен на средбата со канадската министерка за финансии Кристија Фриланд, пренесува Ројтерс.
Горната граница на цената на суровата нафта и забраната за користење на поморското осигурување од страна на западните осигурителни компании беа воведени на 5 декември од страна на земјите членки на Г7.
Јелен нагласи дека енергетските пазари се уште се добро снабдени и покрај ограничувањето на цената на руската нафта и забраната за увоз на сурова нафта од Русија воведена од ЕУ.
Официјална Москва вети дека ќе ја забрани испораката на нафта за земјите кои се придржуваат до наметнатата граница на цената на руската нафта.