Американскиот Стејт департмент ја одобри можната продажба на хеликоптери Black Hawk и поврзаната опрема и услуги на Хрватска во договор проценет на 500 милиони долари, објави Пентагон.
Пентагон соопшти дека Локхид Мартин ќе биде главен изведувач, пишува RSE.
Американската агенција за безбедносна и одбранбена соработка во петокот ја поднесе потребната потврда за да го извести Конгресот за можната продажба на осум хеликоптери Black Hawk.
„Предложената продажба ќе ги подобри способностите на Хрватска да ги одврати сегашните и идните закани и да ги поддржи коалициските операции, како и да ја подобри интероперабилноста со САД и другите сили на НАТО“, рече агенцијата.
Во соопштението се додава дека „предложената продажба ќе ја поддржи надворешната политика и националната безбедност на САД преку подобрување на безбедноста на сојузникот на НАТО кој продолжува да биде важна сила за политичка стабилност и економски напредок во Европа“.
Во соопштението се наведува дека Владата на Хрватска побарала набавка на осум хеликоптери UH-60M Black Hawk, 19 мотори T700-GE 701D, како и друга придружна опрема.