САД одлучија да се вратат во УНЕСКО, шест години по напуштањето на организацијата

Сподели со своите пријатели

САД го известија УНЕСКО дека одлучиле да се вратат во организацијата, шест години откако администрацијата на поранешниот претседател Доналд Трамп одлучи да го повлече членството на САД, изјави портпаролот на Стејт департментот за порталот „Аксиос“.

Loading...

Враќањето во УНЕСКО е една од целите на администрацијата на претседателот Џозеф Бајден, во обид да се спротивстави на, како што смета, растечкото влијание на кинеската влада на агендата на агенцијата во Обединетите нации, пишува порталот.

Откако палестинските власти станаа полноправна членка на УНЕСКО во 2011 година, администрацијата на Барак Обама престана да ја финансира организацијата бидејќи тоа беше забрането со американскиот закон.

Во октомври 2017 година, администрацијата на Трамп го напушти УНЕСКО поради, како што рече во тоа време, „анти-израелска атмосфера“.

Израел тогаш објави дека ќе ја напушти организацијата набргу по САД и тоа се случи во 2018 година.

Во февруари 2022 година, израелската влада го информираше Стејт департментот дека нема да се спротивстави на враќањето на САД во УНЕСКО.

Позицијата на Израел го отвори патот за некои демократи и републиканци во Конгресот да го поддржат потегот.

Во декември минатата година, Конгресот одобри закон за издвојување на повеќе од 500 милиони долари потребни за САД да го платат својот долг кон УНЕСКО и да се вратат во организацијата како полноправна членка.

Loading...

Во законот беше вклучена клаузула во која се вели дека доколку на Палестинците им се додели статус на земја-членка во агенцијата на ОН, САД повторно ќе го прекинат финансирањето.