САД нема да испраќаат војници во Појасот Газа за каква било улога во идното зачувување на мирот, изјави советникот за национална безбедност на Белата куќа, Џон Кирби.
„Нема планови или намери за испраќање американски војници во Појасот Газа, сега или во иднина“, рече тој, според Ројтерс.
Кирби изјави и дека САД не веруваат дека палестинската организација Хамас може да учествува во идното раководство на Појасот Газа по завршувањето на конфликтот со Израел.
Тој исто така рече дека Вашингтон не поддржува постојани населби за цивили кои бегаат од Појасот Газа надвор од таа палестинска територија, пренесува Танјуг.
Британски „Гардијан“, повикувајќи се на извори, објави дека САД и Израел ја разгледуваат можноста за формирање на меѓународни мировни сили составени од американски, британски и француски војници во Појасот Газа, во случај израелските одбранбени сили (ИДФ) успеваат да ја протераат палестинската милитантна група Хамас од таа енклава.