САД соопштија дека двајца екстремисти на Исламската држава загинале во напад со дрон врз возило во Кабул, но дека е можно да имало и други жртви.
Неименуван авганистански функционер претходно изјави дека три деца загинале во тој напад на американската армија.
Очевидци на експлозијата изјавија дека неколку луѓе се убиени или ранети.
Портпаролот на Централната команда на американската армија, Бил Урбан, синоќа изјави дека американските власти се свесни за извештаите за цивилни жртви од нападот и додаде дека истрагата е во тек.
„Би биле многу тажни поради потенцијалната загуба на секој невин живот“, рече Урбан.
Американските власти во неделата соопштија дека САД извршиле напад со дрон врз возило со „неколку бомбаши самоубијци“ од авганистанскиот огранок на групата Исламска држава, кои планирале да го нападнат аеродромот во Кабул.
Неименуван американски службеник изјави дека нападот со дрон бил извршен врз возило помеѓу двете згради кога биле видени лица како внесуваат експлозив во него.
Американскиот напад врз возилото беше извршен додека САД ја завршуваа историската евакуација со авиони од Кабул пред истекот на рокот за повлекување на американските војници на 31 август.
Ова е втор американски напад врз припадници на Исламската држава во Авганистан, откако нејзиниот бомбаш – самоубиец во четвртокот изврши напад во близина на аеродромот во Кабул, во кој загинаа најмалку 182 лица.

