Економската помош на Пекинг за Русија го ослабна ефектот на западните санкции против Москва воведени по инвазијата на Украина, се вели во извештајот на американското разузнавање објавен во четвртокот.
Кина „стана уште поважен економски партнер на Русија по инвазијата на Украина во февруари 2022 година“, се вели во документот објавен од демократските претставници.
Пекинг „воспостави различни механизми на економска помош кои го ослабуваат ефектот на санкциите и извозните контроли“, додава истиот извор.
Кина го зголеми увозот на енергетски производи од Русија и обезбеди контејнери и договори за осигурување за транспорт на сурова нафта, се наведува во текстот.
Зголемено е и тргувањето со јуан, кинеската валута, што е еден начин да се заобиколи меѓународниот финансиски систем.
Неодамна, се вели во извештајот, Пекинг најверојатно испратил опрема на Москва што може да се користи и за цивилни и за воени цели и која се користела во Украина, иако е „тешко да се одреди степенот на помошта“ што Кина ја испраќа за да ѝ помогне на Русија да ги заобиколи санкциите и извозни контроли..
Западните санкции вклучуваат замрзнување средства и сметки на руската централна банка.
Економските санкции вклучуваат ограничување на рускиот увоз и извоз. На пример, Европската унија (ЕУ) го забрани увозот на руска сурова нафта.
Сепак, Пекинг тврди дека е неутрален во конфликтот и никогаш отворено не ја осудил руската инвазија на Украина.