Јужна Кореја, САД и Јапонија денеска одржаа комбинирани воздушни вежби во кои учествуваа два бомбардери Б-1Б, соопшти јужнокорејското Министерство за одбрана.
Во трилатералните вежби, први од ваков вид одржани оваа година, учествуваа и јужнокорејски борбени авиони Ф-15К и јапонски Ф-2, објави Јонхап.
Одржувањето на заедничката вежба на трите земји доаѓа по неодамнешното лансирање на хиперсонични и балистички ракети со краток дострел од страна на Северна Кореја, а последните такви вежби се одржаа во ноември минатата година, пренесува Танјуг.
Во соопштението од Министерството за одбрана на Јужна Кореја се вели дека последната вежба се одржува со цел да се подобрат координираните способности за одвраќање и одговор на нуклеарниот развој на Пјонгјанг и ракетните закани, како што е наводното лансирање на хиперсонична балистичка ракета.
Северна Кореја лансираше, како што тврдеше, хиперсонична балистичка ракета со среден дострел на 6 јануари, а потоа лансираше неколку балистички ракети со краток дострел во вторникот.
„Јужна Кореја, САД и Јапонија ќе ја зајакнат соработката за заеднички да ги одвратат и да одговорат на заканите на Северна Кореја“, соопшти Министерството.
Американската индо-пацифичка команда денеска соопшти дека заедничката вежба покажува „силна трилатерална соработка“ меѓу трите страни, што овозможува „непосредни и координирани одговори на регионалните безбедносни предизвици“.
„Нашите три нации остануваат апсолутно посветени на заедничката визија за безбеден, слободен и отворен индиско-пацифички регион заснован на правила“, се вели во соопштението на американската Индо-пацифичка команда.