САД и ЕУ се подготвуваат за можен конфликт со Русија на Арктикот, тврди командантот на руската морнарица

Сподели со своите пријатели

Врховниот командант на руската морнарица, Александар Мојсеев, изјави дека американските и европските земји го зголемуваат своето воено присуство на Арктикот, подготвувајќи се, како што оцени, „за можен конфликт со Русија“, пренесува Танјуг.

На Меѓународниот форум „Арктик: Сегашност и иднина“, Мојсеев истакна дека изјавите на американските и европските лидери се „потврда за русофобните чувства“ и посочи на зголеменото темпо на милитаризација на регионот, со присуството на Финска и Шведска во антируските иницијативи, објави ТАСС.

„Главните политички изјави наведуваат подготовки за воена конфронтација во регионот под изговор „одбрана од заканите на Русија и Кина“, рече тој.

Мојсеев додаде дека бројот на странски воени вежби на Арктикот се зголемил за речиси 40 проценти во последните пет години.

Бројот на земјите учеснички, времетраењето и областа на вежбите, како и борбените сили на формираните групи, се зголемиле.

Форумот „Арктик: Сегашност и иднина“, каде што Мојсеев ги презентираше овие податоци, собра меѓународни експерти и претставници на морнариците за да разговараат за актуелните прашања во арктичкиот регион, објави Риа Новости.