Американскиот Стејт департмент соопшти дека има „веродостојни извештаи“ дека Хамас планира „итен“ напад врз цивили во Газа, за што палестинската милитантна група вели дека ќе го прекрши договорот за прекин на огнот.
Во соопштението објавено синоќа, се наведува дека планираниот напад врз Палестинците би бил „директно и сериозно кршење на договорот за прекин на огнот и ќе го поткопа значајниот напредок постигнат преку медијациските напори“, објавува „Тајмс оф Израел“.
Стејт департментот не даде дополнителни детали за нападот, а не беше јасно на кои извештаи се осврнува.
САД ги информираа Катар, Турција и Египет, земји кои посредуваат во мировниот процес меѓу Израел и Хамас, „за веродостојни извештаи што укажуваат на непосредно кршење на примирјето од страна на Хамас против народот на Газа“, според соопштението на Стејт департментот, според Танјуг.
Објавата на американската администрација доаѓа по неколкудневните извештаи дека Хамас наводно егзекутирал десетици членови на сопернички кланови, како и други Палестинци обвинети за соработка со Израел.
„Гаранциите бараат од Хамас да ги исполни своите обврски во согласност со условите на прекинот на огнот“, се вели во соопштението на Стејт департментот.
Не е јасно како нападите на Хамас врз сонародниците Палестинци би го прекршиле примирјето, со оглед на тоа што договорот генерално се однесува на спречување на меѓусебни напади меѓу Израел и Хамас.
Во соопштението на Стејт департментот, исто така, се предупредува дека „доколку Хамас продолжи со овие напади, ќе бидат преземени мерки за заштита на народот во Газа и зачувување на интегритетот на договорот за прекин на огнот“.