Соединетите Американски Држави моментално бележат просек од над 100.000 нови инфекции со коронавирус дневно, број кој последен пат бил виден за време на зимскиот бран, и кој најмногу се должи на варијантата делта, која брзо се шири низ целата земја.
На крајот на јуни, Соединетите држави имаа просечно околу 11.000 случаи дневно, а сега тој број е 107.143, пренесува АП.
Инфекциите беа на најниско ниво во јуни, но им беа потребни околу шест недели за да се вратат над 100.000, и покрај вакцините примени од повеќе од 70 проценти од возрасната популација.
Се зголеми и седумдневниот просек на нови дневни смртни случаи, што се зголеми од околу 270 смртни случаи дневно на скоро 500 дневно во последните две недели, според податоците на Универзитетот Џsонс Хопкинс.
Вирусот брзо се шири низ невакцинираната популација, особено во јужниот дел на земјата, каде што болниците се преплавени со пациенти, а здравствените власти стравуваат дека случаите ќе продолжат да растат ако повеќе Американци не сакаат да се вакцинираат.
„Нашите модели покажуваат дека ако не ги вакцинираме луѓето, би можеле да имаме до неколку стотици илјади случаи дневно, слично како што бевме во почетокот на јануари“, рече Рошел Валенски, директор на Центрите за превенција и контрола на болести (ЦДЦ).
Бројот на Американци хоспитализирани со вирусот исто така скокна и стана толку голем што многу болници се обидуваат да најдат кревети за пациентите на други локации.
Официјални лица во Хјустон, најголемиот град во Тексас, рекоа дека најновиот бран случаи на „Ковид-19“ го води локалниот здравствен систем речиси до „точка на кршење“, што доведе до тоа некои пациенти да бидат преместени надвор од градот за медицинска нега, вклучувајќи ги и оние што требаше да се транспортираат во други држави.

