Генералниот секретар на НАТО Марк Руте изјави дека Алијансата внимателно ја следи безбедносната ситуација во регионот на коридорот Сувалки и е подготвена да одговори на секој потенцијален предизвик, јави полското радио.
Одговарајќи на новинарски прашања за тоа дали Русија би можела да преземе чекори за изолирање на делови од Литванија и Полска, Руте посочи дека земјите-членки на НАТО редовно спроведуваат воени вежби во кои се симулираат различни сценарија, врз основа на разузнавачки проценки.
„Потенцијалниот противник не треба да смета на неказнивост“, нагласи генералниот секретар на пактот, додавајќи дека одговорот на Алијансата во случај на напад ќе биде „суров и решителен“.
Коридорот Сувалки е ретко населена област на границата меѓу Полска и Литванија, која е од исклучителна стратешка важност.
Токму преку овој појас балтичките земји се поврзуваат со остатокот од Европската унија по копнени, транспортни и енергетски патишта.
Во исто време, меѓу Белорусија и руската област Калининград има најкратко воздушно растојание – околу 65 километри, што дополнително ја зголемува нејзината геополитичка чувствителност.
За потсетување, во декември минатата година Руте ги повика членките на НАТО да се подготват за можноста за воен конфликт со Русија, вклучително и интензивирање на военото планирање и зголемување на производството на оружје.
Кремљ тогаш ваквите изјави ги оцени како неодговорни, предупредувајќи дека придонесуваат за дополнително зголемување на тензиите во Европа.

