Руските сили фатиле Британец кој се борел за Украина, а на видео кое кружи на интернет, маж облечен во воена униформа се претставил како Џејмс Скот Рис Андерсон (22) и тврди дека претходно служел во британската армија.
Руската државна новинска агенција Тас цитираше воен извор кој вели дека „британски платеник е заробен во областа Курск“ во Русија.
Украинските единици ја нападнаа таа руска погранична област уште во август и држат одреден дел од територијата, додека руските сили се обидуваат да ги потиснат.
Британскиот Форин Офис објави дека „го поддржуваат семејството на еден Британец по извештаите дека тој е заробен“, пренесува Би-Би-Си.
Во видеото, кое првпат беше објавено на платформата за пораки Телеграм, Андерсон му кажува на маж кој го испрашува од зад камерата дека служел како припадник во британската армија од 2019 до 2023 година.
Тој тврди дека се приклучил на Украинската меѓународна легија, воена единица составена од странски доброволци, откако ја изгубил работата и видел извештаи за војната на телевизија.
Тој изјавил дека летал од Лутон до Краков, Полска, а од таму со автобус до украинската граница.
За време на војната што трае од февруари 2022 година, има извештаи за заробени или убиени различни странци, борејќи се за една од завојуваните страни.
Еден од најпознатите примери е Ајдин Аслин, Британец кој беше осуден на смрт од проруските власти во регионот на Доњецк, но подоцна беше ослободен.