Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, изјави дека е потребно земјите-членки на Алијансата да издвојат 3,5 проценти од БДП за да ја одржат безбедноста на Атлантикот, Арктикот, Европа и Соединетите Американски Држави.
– Живееме во опасен свет, а заканата не е далеку – предупреди Руте на седницата на Парламентарното собрание на НАТО во Љубљана и изјави дека руските ракети од новата генерација можат да стигнат до европските престолнини за неколку минути, објави РТВ Словенија.
Руте нагласи дека НАТО не треба да ја потценува руската закана, но во исто време не треба да ја преценува својата воена моќ.
Тој повторно ја пофали реакцијата на силите на НАТО на навлегувањето на руски авиони во полскиот и естонскиот воздушен простор.
Четиридневната годишна сесија на Парламентарното собрание на НАТО заврши денес во Љубљана, а земјите-членки беа поканети да ја исполнат својата обврска за зголемување на трошоците за одбрана и безбедност на пет проценти до 2035 година и да ја зголемат поддршката за Украина.