Последниот пакет санкции на ЕУ против Русија изгледа „прилично добро“, изјави литванскиот министер за надворешни работи Габриелиус Ландсбергис пред состаноците на Советот за надворешни работи на ЕУ во Брисел, пренесоа агенциите.
По таа седница, Жозеп Борел, шефот на дипломатијата на ЕУ, оцени дека новиот 12-ти пакет санкции против Русија може да биде договорен и презентиран оваа недела.
Тој посочи дека следниот пакет санкции против Русија ќе вклучува: „повеќе листи, нови забрани за извоз, вклучително и дијаманти, активности за заострување на кршењето на максималната цена на нафтата со цел да се намали приходот на Русија“, рече Борељ.
Според него, подготовката на „пакетот“ е во завршна фаза.
„Оваа регулатива на Советот може да биде усвоена во среда со заеднички предлог што јас и Европската комисија ќе го доставиме до Советот“, додаде тој.
Инаку, во јуни ЕУ го усвои својот 11-ти пакет казнени мерки против Русија, со цел да развие мерки за спречување на прекршувања и заобиколување на постоечките санкции против Москва.
Во средината на октомври, Полска достави до Европската комисија предлог за 12-тиот пакет санкции, кој вклучува ограничувања на циркулацијата на руските дијаманти, како и повик за забрана на увоз на течен нафтен гас од Русија и употреба на руски услуги за информатичка и комуникациска технологија.
Американската агенција Блумберг неодамна објави дека предлозите за казнени мерки од 12-тиот пакет санкции на ЕУ вклучуваат ограничувања на трговијата со стоки во вредност од околу 5 милијарди евра.
Во меѓувреме, на интернет кружи лажна аудио снимка на која литванскиот министер за надворешни работи Габриелиус Ландсбергис разговара со палестински колега по телефон и најавува дека ќе се кандидира за претседател следниот мај.
Debunk.org, центар за анализа на дезинформации, за локалните медиуми изјави дека видеото е направено со помош на „алатка“ за вештачка интелигенција.
Неговата автентичност ја негираше и литванското Министерство за надворешни работи.
Следните претседателски избори во Литванија треба да се одржат во мај 2024 година.