Руските сили повторно нападнаа енергетски објект во Нижниот округ во Черниговската област на Украина, поради што повеќе од 4.500 претплатници останаа без електрична енергија, објавија украинските власти.
„Нижниот регион повторно е под оган и енергетски објект повторно е погоден. Повеќе од 4,5 илјади претплатници се без електрична енергија“, се вели во пораката од електроенергетската компанија Черниговобленерго АД на Телеграм, пренесува Укринформ.
Во соопштението се додава дека се во тек работи на обновување на енергетскиот систем.
Руските војници ја нападнаа и противпожарната станица во Семеновка, во Черниговската област, објави Државната служба за вонредни ситуации на Украина на Фејсбук.
Укржелезница утрово испрати предупредување дека поради рускиот напад, движењето на возовите во правец на Нижин е отежнато, дека некои линии се пренасочени, а има доцнења на други.
Утрово околу 7:30 часот, руски војници го нападнаа и округот Корабелни во Херсон, а во гранатирањето загинаа две лица, а едно е повредено, објави началникот на воената администрација на Херсон, Александар Прокудин, според Укринформ, а пренесе Танјуг.
Во текот на ноќта, руски беспилотни летала го нападнаа и регионот Одеса, предизвикувајќи штета, објави на Телеграм Олег Кипер, началник на воената регионална администрација.
Според него, прозорците на административната зграда на објектот за градежна инфраструктура и помошните простории биле оштетени, а пожарот што избувнал брзо бил изгаснат.
Нема повредени, нагласи Кипер.
Украинските воздушно-одбранбени сили неутрализираа 154 од 183 беспилотни летала што ги користеа Русите за напад врз Украина во текот на ноќта и утрото, објави Воздухопловните сили на украинската армија на Телеграм.