Руски и кинески воени авиони денеска заеднички патролираа над Јапонското и Источното Кинеско Море, по шести пат од 2019 година, во времето на големите воени маневри на САД и нивните сојузници во азиско-пацифичкиот регион.
Патролата е дел од годишниот план за соработка меѓу двете армии, соопшти денеска кинеското Министерство за одбрана, пренесува Ројтерс.
За време на последната заедничка воздушна патрола меѓу Кина и Русија во ноември, Јужна Кореја подигна борбени авиони откако кинеските бомбардери Х-6К и руските бомбардери ТУ-95, како и авионите СУ-35, влегоа во нејзината зона за воздушна одбрана.
Јапонија потоа подигна авиони откако кинеските бомбардери и два руски беспилотни летала прелетаа над Јапонското Море во нејзината зона за воздушна одбрана, област каде што земјите бараат од странските авиони да преземат посебни чекори за да се идентификуваат, според Ројтерс.
Од минатата недела, крајбрежната стража на САД, Јапонија и Филипините ја одржуваат првата трилатерална поморска вежба во Јужното Кинеско Море.