Руски и кинески авиони извршиле заеднички воздушни патроли, соопшти денеска руското Министерство за одбрана, наведувајќи дека заедничкиот лет траел повеќе од пет часа.
Во вежбата обезбедена од руските ловци Су-30СМ и Су-35С, учествуваа стратешките носачи на ракети Ту-95МС на руските воздушни сили и кинеските стратешки бомбардери Х6-К, кои вршеа воздушни патроли над водите на Чукчиското и Беринговото море и северниот дел на Тихиот Океан, се наведува во соопштението, пренесува ТАСС.
Според соопштението, руските воздушни сили и кинеското воздухопловство не го нарушиле воздушниот простор на странските земји.
„Во некои фази од рутата, воздушната група беше придружувана од ловци од странски земји, а авионите на двете земји постапуваа строго во согласност со одредбите на меѓународното право“, се вели во соопштението.
Вежбата се одржа како дел од спроведувањето на планот за воена соработка меѓу Кина и Русија за 2024 година и не беше насочена против трети земји, нагласи руското Министерство за одбрана, пренесува Танјуг.