Драматичната снимка го покажува моментот кога руски товарен авион експлодира веднаш по полетувањето, оставајќи трага од пламен зад авионот додека екипажот очајнички се обидува да се ослободи од горивото.
Британски Дејли Мејл наведува дека оваа драма на небото се случила утринава пред авионот „Ту-204“ да успее принудно да слета на аеродромот „Бајкал“ во Улан-Уде во источен Сибир, од каде што полетал пред малку.
Се наведува дека товарниот авион на руската чартер авиокомпанија „Авиастар“ се користи за транспорт на стоки меѓу Кина и Русија во времето на западните санкции воведени против владата на претседателот Владимир Путин.
Авионот се движел кон кинескиот град Жангжу кога по експлозијата му се запалил левиот мотор.
Алексеј Циденов, шефот на руската република Бурјатија, рече дека авионот останал без гориво и принудно слетал користејќи само еден мотор, а сите пет членови на екипажот го преживеале ова застрашувачко искуство.