Украинскиот парламент гласаше за забрана на некои руски песни во медиумите и на јавни места.
Забраната нема да важи за целата руска музика, туку за онаа создадена или изведена од музичари кои добиле руско државјанство по 1991 година.
Уметниците кои ја осудија војната во Украина можат да поднесат барање за изземање од забраната.
Со законот ќе се забрани и увоз на книги од Русија и Белорусија
Многумина кои живеат во областите на источна и јужна Украина историски чувствуваат силна врска со Русија, а рускиот често им е прв јазик.
Но, инвазијата доведе многу Украинци да отстапат од руската култура.
Законот, одобрен од пратениците во неделата, забранува руска музика на телевизија, радио, училишта, јавниот превоз, хотели, ресторани, кина и други јавни места.
За законот гласаа 303 пратеници од 450 во украинскиот парламент.
Во законот се наведува дека забраната „ќе ги намали ризиците од можна непријателска пропаганда преку музиката во Украина и ќе го зголеми обемот на националните песни во културниот простор“, пишува Би-Би-Си Мониторинг.
Забраната ќе важи за музичарите кои имаат или имале руско државјанство во кое било време од 1991 година – времето кога Украина прогласи независност, освен за оние кои се државјани на Украина или биле во моментот на смртта.
Тоа значи дека сè уште може да се изведуваат дела од одамна починати руски композитори како што се Чајковски и Шостакович.
Руските уметници кои ја осудуваат војната во Украина можат да поднесат барање до украинската безбедносна служба за изземање од забраната.
Во него мора да се наведе дека го поддржуваат суверенитетот и интегритетот на Украина, да ја повикаат Русија веднаш да ја запре агресијата и да се обврзат дека ќе се воздржат од какви било чекори што се во спротивност со овие изјави, јавува Би-би-си на украински.
Документот вклучува и закони за зголемување на уделот на украинските песни пуштени на радио на 40 отсто, како и за зголемување на употребата на украинскиот јазик во дневните програми на 75 отсто.
Забрана и за руски книги
Се наведува дека ќе биде забранет увозот на книги од Русија, Белорусија и окупираните украински територии, како и материјали на руски јазик увезени од други земји.
Овој закон ќе забрани објавување и дистрибуција на книги напишани од руски граѓани (со слични исклучоци како и за музиката), но тоа нема да важи за книги кои веќе се објавени во Украина.
Дополнително, преводите на книгите ќе се објавуваат само на украински, официјални јазици на ЕУ или на домородните украински јазици.