И додека жителите на Русија остануваат секојдневно без пристап до социјалните мрежи, Руската амбасада во Македонија активно ги користи, а денеска преку Твитер упати и предупредувања дека ги следеле активностите поради наводно ширење на русофобија.
„Привлекува внимание на невиденото ниво на русофобија забележано во голем број странски земји во позадина на специјалната воена операција во Украина. Предупредуваме дека сите вакви инциденти се внимателно евидентирани“, напиша Амбасадата.
Во меѓувреме во Русија освен што се изгаснати Фејсбук и Инстаграм, тамошните власти донесоа закон со кој може да биде осуден на 15 години затвор секој што ќе ја дискредитира руската војска и ќе шири дезинформации за воените активности.
Воедно тамошните медиуми не смеат да го користат терминот воена инвазија или војна, туку специјална воена интервенција во Украина.