Руските обвинители побараа речиси шест години затвор за секој од тројцата адвокати кои го бранеа Алексеј Навални, објави во вторникот соработник на починатиот опозициски лидер.
Вадим Кобзев, Игор Сергунин и Алексеј Липсер се обвинети за припадност на екстремистичка организација.
Тие беа уапсени во октомври 2023 година и ставени на листата на „терористи и екстремисти“.
Навални, кој ненадејно почина во казнена колонија на Арктикот во февруари, исто така беше осуден за екстремизам.
Обвинителите тврдат дека адвокатите му предавале информации на и од Навални додека бил во затвор.
Соработникот на Навални, Иван Зданов, на Телеграм објави дека обвинителството бара пет години и единаесет месеци за Кобзев, пет години и десет месеци за Липсер и пет години и шест месеци за Сергунин.
Вдовицата на Навални, Јулија, минатата недела на Јутјуб објави дека тројцата адвокати се политички затвореници.
„Тие не сториле никакво кривично дело. Тие се затворени само затоа што си ја вршеле работата“, рече таа.
За потсетување, Навални почина во руски затвор под сомнителни околности во февруари оваа година.