По вчерашниот смртоносен напад врз Киев и повикот на американскиот претседател Доналд Трамп до Владимир Путин да ги „запре“ нападите, Русија повторно нападна цивили, јавува украинската страна.
Овој пат целта беше градот Павлоград, објави гувернерот на поширокиот регион Серхиј Лисак. Според него, во нападот загинале две лица, а осум се повредени.
„Напаѓачот повторно изврши масовен напад со беспилотни летала врз нашиот регион“, рече Лисак, додавајќи дека 11 беспилотни летала биле соборени над областа.
Лисак објави и фотографија од пожар во зграда што изгледа како станбена, наведувајќи дека имало неколку пожари во градот.
Шестмина ранети се префрлени во болница, додека две лица, меѓу кои и едно 15-годишно девојче, добиле медицинска помош на лице место, рече тој.
Според него, пожари избувнале и на локации на компании во областите Синелниковски и Самаривски.