Оценките на Соединетите Американски Држави за посетата на севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун на Русија се двосмислени, Москва сама ќе одлучи со кого ќе соработува, изјави рускиот амбасадор во Вашингтон, Анатолиј Антонов.
„САД немаат право да не учат како да живееме. Русија е одговорна нуклеарна држава, постојана членка на Советот за безбедност на Обединетите нации, способна самостојно да одлучува со кого да соработува“, се вели во објавениот коментар на Антонов.
Дипломатот истакна дека „обидите да се претстави продуктивен и заемно корисен руско-севернокорејски дијалог како фактор на нестабилност во светот не само што предизвикуваат конфузија, туку и отфрлање“.
– Двојството на Вашингтон одамна не изненадува: Американците можат да испратат оружје до „жешката“ точка, односно Украина, а нашата воено-техничка соработка со странски земји, според логиката на Белата куќа, е нелегална. Згора на тоа, на нашите партнери повторно им се закануваат санкции – објасни амбасадорот.
Тој посочи дека е време Вашингтон да ја отфрли својата политика на санкции и да размисли како да изгради еднакви меѓусебни односи врз основа на принципот на неделивост на безбедноста.
– Веќе нема да може да се зачува униполарната доминација која е толку сакана во официјалните кругови – заклучи Антонов.
Белата куќа претходно објави дека Вашингтон внимателно ја следи посетата на севернокорејскиот лидер на Русија, ветувајќи дека ќе има последици доколку има напредок во преговорите за испорака на оружје.
Севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун вчера во Владивосток се сретна со рускиот претседател Владимир Путин.
Севернокорејскиот претседател е во посета на Русија за прв пат од 2019 година. Тој пристигна во Русија со својот блиндиран воз.
На патувањето Ким Џонг Ун е придружуван од министерот за надворешни работи Чое Сонг Хуи, шефот на Одделот за воена администрација на Централниот комитет на Работничката партија, Парк Чонг Чонг и заменик-шефот на Централниот воен комитет, Ли Бјунг Чол.