Русија ги произведе првите нуклеарни боеви глави за супер торпедата Посејдон кои ќе бидат распоредени на нуклеарната подморница Белгород, јави во понеделникот ТАСС, повикувајќи се на анонимен извор од одбраната.
„Првите количини оружје за Посејдон се произведени и подморницата Белгород ќе ги добие во блиска иднина“, открил изворот за ТАСС.
Рускиот претседател Владимир Путин го најави таканаречениот Посејдон во 2018 година. Тој го опиша како нов тип на стратешко нуклеарно оружје со сопствен извор на нуклеарна енергија.
Во говорот пред пет години, Путин рече дека опсегот на торпедото ќе биде неограничен и дека може да работи на екстремни длабочини со брзини многу пати поголеми од која било подморница или друго торпеда.
„Тие се многу тивки, имаат висока способност за маневрирање и практично се неуништливи за непријателот. Во денешниот свет не постои оружје што може да им се спротивстави“, рече Путин.