Русија денеска потврди дека извршила тестирање на вселенското оружје на неискористениот сателит Celina-D од советската ера, но посочи дека остатоците не претставуваат и нема да претставуваат закана за орбиталните станици и вселенските активности.
Руското Министерство за одбрана ги нарече „лицемерни“ обвинувањата на Вашингтон дека Русија ја загрозува безбедноста на вселената и посочи дека САД го блокираат договорот за распоредување на оружје во вселената.
„Вашингтон отворено изјави дека не сака да се ограничи на никакви обврски во вселената“, се вели во соопштението.
Се додава дека Русија долги години ги повикува САД и другите земји да потпишат договор за забрана на распоредување на оружје во вселената, но дека САД и нивните сојузници го блокираат усвојувањето на тој договор.
Министерството наведува и дека САД добро знаат дека фрагментите што останале по тестот не претставуваат закана за орбиталните станици, вселенските летала и вселенските активности.
Во соопштението се истакнува дека рускиот систем за контрола на вселената „ги надгледувал останките додека не престанале да постојат“.
Се потсетува дека слични тестови во вселената веќе извршија и САД, Кина и Индија.